Капитенот на Вардар, Бобан Грнчаров смета дека во квалификациите за Лигата на шампионите добиен е противник со кој „црвено-црните“ имаат големи шанси да се надигруваат и да дојде до посакуваната цел, односно да минат едно коло во европското елитно натпреварување.
Вардар на денешната ждрепка во Нион за противник во 2.коло од квалификациите за Лигата на шампионите го доби шведскиот тим Малме.
– Во Малме добивме противник со кого можеме да се носиме и да бидеме во најмала рака рамноправни. Ова ни е трета година по ред да играме квалификации во Лигата на шампионите, и мислам дека сега е шансата да поминеме понатаму. Добро е што првиот натпревар го играме на гостински терен кај нив, и сметам дека имаме големи шанси. Со нетрпение го очекувавме противникот, и сега откако знаеме кој ни е противник се подготвуваме во Австрија за него. Од денеска па натаму ќе го следиме, ќе го анализираме и ќе знаеме повеќе за нашиот ривал во Лигата на шампионите, изјави Грнчаров за клупскиот сајт на Вардар.
Првиот натпревар ќе се игра на 11 или 12 јули во Шведска, а реваншот е седум дена подоцна во Македонија.