Бразилскиот претседател Мишел Темер бил на чело на корупциска шема, во која пратеници уценувале и барале мито од познати бизнисмени, изјави милијардерот Жоесли Батиста во интервју за списанието „Епока“.
Во своето прво интервју откако потпиша договор со бразилското Обвинителство, Батиста раскажува дека од 2010 година Темер неколку пати му побарал пари.
Според него претседателот бил на чело на група високи политичари, кои редовно барале мито во замена за политички услуги.
Во шемата на Темер учествувале поранешните претседатели на Долниот дом на бразилскиот Парламент Едуардо Кунја и Енрике Едуардо Алвес, како и актуелниот шеф на кабинетот на претседателот Елизеу Падилја и генералниот секретар на претседателската администрација Велингтон Мореира Франко, тврди Батиста.
– Темер е лидер на криминална организација во Долниот дом на парламентот, вели бизнисменот.
– Ова е најголемата и најопасна криминална организација во земјата. Таа е под команда на претседателот. Тие се многу опасни, додаде тој.
Темер минатата недела ја избегна опасноста да биде отстранет од функцијата, откако највисокиот Изборен суд ги отфрли обвинувањата за нерегуларности во финансирањето на предизборната кампања во 2014 година. Тогаш тој беше на заедничка листа со поранешниот претседател Дилма Русеф, која минатата година со импичмент беше отстранета од претседателската функција.
Бразилскиот инвестициски холдинг „Ј & F Investimentos“, кој е во сопственост на Батиста и неговото семејство се согласи да плати казна од рекордни 10,3 милијарди реали, откако бизнисменот и неговиот брат Весли признаа дека изминатите години подмитиле околу 1.900 политичари.
Компанијата за производство на говедско месо „JBS“, која е контролирана од „Ј & F Investimentos“ и е најголем произведувач на место во светот пред договор со Обвинителството беше под истрага за инсајдерско тргување.
Како одговор на тврдењата на Батиста претседателот Темер најави дека ќе го тужи.
– Претседателот против овој господин ќе ги преземе сите мерки предвидени со законот. В понеделникот против него ќе биде поднесена прекршочна и кривична тужба. Ќе биде докажано дека тој лаже и ќе треба да плати соодветната финансиска компензација за штетата, која е нанесена не само на претседателската администрација, но и на целата држава, соопшти прес-службата на Темер.