По повод 10-годишнината од Францускиот филмски Фестивал во Република Македонија, Општина Велес во соработка со Францускиот институт се вклучи во организацијата на фестивалот со проекција на три филмски остварувања. Проекциите кои започнаа синоќа во новиот театар во Велес ќе траат до недела.
Вечерите на францускиот филм во Велес ги отвори Изабел Марки Барбо директор на Францускиот институт во Скопје и советничка за култура при Француската амбасада во Македонија која на посетителите им посака пријатни вечери со француската кинематографија и воедно се заблагодари на Општина Велес и Народниот театар за соработката.
Во изјавата за медиумите госпоѓа Избел Марки Барбо истакна дека овој фестивал придонел за ширење на интересот за француската кинематографија во Македонија, а по Скопје решиле со дел од проекциите да го пренесат и во Велес.
– Со овој Филмски фестивал постигната е целта за поголем интерес на македонската публика за француската кинематографија, а која е позната во светот па и тука. Воедно, втората цел е да дојде до поголема соработка на француската со македонската кинематографија која е квалитетна кинематографија. Затоа сакаме да дојде до македонско – француски копродукции, рече Марки Барбо.
Таа вети догодина во Велес преку овој фестивал да донесе повеќе филмови, а на проекциите да гостуваат и млади француски актери и режисери.
Со оваа манифестација, како што велат од Општина Велес, тие продолжуваат со реализацијата на франкофонски настани во Велес – како град на Франкофонијата и град во кој континуирано се релизираат проекти со партнери од Република Франција.
Инаку, синоќа велешката публика имаше можност да ја проследи комедијата „Семејството Белие“ на режисерот Ерик Лартиго. Главните улоги ги толкуваа Луан Емера и Карин Вијар.
Вечерва со почеток во 20 часот, исто така, на белото платно во салата на новиот театар ќе биде прикажан трилерот „Човекот што многу го сакаа“ на Андре Тешине со Гијом Кане, Катрин Денев и Адел Енел во главните улоги.
В недела во истиот термин љубителите на филмската уметност ќе можат да ја проследат историската драма „Принцезата од Монпасје“ на Бертран Таверние со Мелани Тјери и Ламбер Вилсон во главните улоги.
Два од избраните филмови се од официјалната селекција на Канскиот фестивал во периодот 2010-2014 година.
Филмовите се прикажуваат со превод на македонски јазик, а за сите проекции влезот е бесплатен.