Јакнење на партнерствата меѓу општините и граѓанското општество преку работење со општинските власти и финансирање на граѓанските организации во согласност со локалните приоритети има за цел новата Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан.
Програмата вредна 10 милиони евра е финансирана од ЕУ и ќе биде спроведена од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во период од три години во шест земји и територии во Западен Балкан, додека буџетот предвиден за општините во Македонија изнесува 845.000 евра.
Шефот на одделот за соработка на Европската унија Никола Бертолини рече дека пристапувањето кон ЕУ не е само долг процес на прилагодување и усогласување на законската регулатива, туку во главно е процес на подобрување на бенефициите за граѓаните.
– Изнаоѓањето најдобри начини за подобра соработка меѓу организациите на граѓанското општество и локалните власти е еден од начините преку кој граѓаните ќе имаат корист. Подобрувањето на демократијата не е само нешто што е важно за централната власт, туку подеднакво е важно и за локалните власти, изјави Бертолини.
Постојаниот претставник на УНДП Луиза Винтон рече дека УНДП на ниво на општини работи повеќе од десет години и оваа програма се осврнува на низа предизвици со кои се соочуваат локалните власти и кои ги согледуваат секојдневно.
– Еден од предизвиците кои го согледуваме е дека има голем број граѓански организации кои се полни со енергија и ентузијазам, меѓутоа немаат средства тоа да го остварат. Имаме голем број општини што се подготвени да ги поддржат организациите, но поголемиот дел од тие средства ги трошат на спортски активности. Исто така, недостигаат и јасни правила и процедури согласно кои општините ги распределуваат овие средства, изјави Винтон.
Посочи дека програмата ги зема предвид сите овие предизивици за да ги подобри условите за граѓанските организации, а преку нив и условите за живот на граѓаните во општините.