Предлогот на претседателот на Собранието на Република Македонија за деблокада на донесувањето на буџетот за 2013 година претставен денеска на координативната средба во Собранието, според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески е прифатлив.
„ВМРО-ДПМНЕ направи големи напори да дојде до деблокада на буџетот“, изјави министерот Ставрески, додавајќи дека амандманите ќе се разгледаат внимателно.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски предложил сите амандмани за буџетот да бидат испратени до Владата односно до вицепремиерот и министер за финансии, кој писмено би се изјаснил кои амандмани се прифатливи, а кои не. Извештајот би го доставил до Комисијата за финансирање и буџет и до Законодавно-правната комисија кои би доставиле записници до спикерот. Вицепремиерот, според иницијативата, би требало да се изјасни до утре. Предлогот бил одбиен од опозициските пратеници.