Пред наменската фабрика „Еурокомпозит’ во Прилеп штрајкуваа вработените кои бараат исплата на заостанатите плати и придонеси и да се реши нивниот статус зашто се единствениот загубар во државна сопственост.
Според претседателот на синдикалната организација Никола Чурлиноски на вработените не им се исплатени 6 заостанати плати и придонеси од мај 2012.
– Последната плата која ни е исплатена е за ноември 2016 година. Неисплатени се вкупно 6 заостанати плати, има и од 2013 година. А придонеси немаме од мај 2012 година. Штрајкот ќе трае се до исполнувањето на нашите барања, и тоа: веднаш да ни се исплатат две плати, за декември 2016 и за јануари 2017, а до крајот на јуни и февруарската плата со прекувремените часови. Освен тоа, праќаме апел до Владата да се реши нашата агонија која трае 10 години, зашто сме единствен загубар со нерешен статус. Македонските министерства, за внатрешни и за одбрана, да потпишат договори и да соработуваат со нас, така им помагате на 280 вработени, рече Чурлиноски нагалсувајќи дека во март работеле прекувремено но не добиле ниту денар.
Според директорот на наменската фабрика Марјан Додовски кој не е во фабриката, телефонски рече дека дел од плати оваа година до април исплаќал и дел од здравственото осигурување го решил.
-Имаме договори за работа со странки фирми од Србија, Босна, со две блискоисточни фирми, но работниците треба да се вратат на работа. Доколку се вратат ќе им биде исплатена една плата до крајот на јуни и уште две до крајот на јули. Прашањето за заостанатите плати и придонеси треба да го разгледува владата и да донсе одлука. Инаку фабриката има заостанати долгови со години од околу 3 милиона евра, главно, придонеси за вработените, вели Додовски.
Работниците остануваат на барањата за да го прекинат штрајкот.