Решавање на проблемот со сметот, подобрување на инфраструктурните проблеми и снабдувањето со вода и електрична енергија во битолските населби „Сточен пазар“, „Љубојно“ и „Петочна вода“, побара на денешната прес-конференција министерот за имплементација на националната стратегија за состојбата на Ромите во Македонија, Самка Ибраимовски.
– Ги повикувам градоначалникот на општина Битола и директорот на јавното комунално претпријатие да се фатат за работа. Да го исфрлат тој смет онаму каде што му е местото и да донесат соодветни контејнери. Сметот е близу нивните домови и од тие причини час поскоро да се исфрли за да не дојде до ширење на заразни болести, изјави Ибраимовски.
Побара од ЈП „Македонија пат“ да се исчисти и сметот што се наоѓа на магисталниот пат Битола-Ресен-Охрид.
– Во 21 век наидовме на населба каде што нема вода. Порачувам на директорот на ЈП „Водовод“ во Битола и градоначалникот да излезат на терен и видат зошто нема вода во тие населби. Од претпријатието ЕВН бараме да излезе на терен во „Петочна вода“ и другите населби и утврди зошто паѓа напонот на електрична енергија и се случуваат прекини по пет-шест часа, изјави Ибраимовски.
Посочи дека ќе достават посебни дописи до сите соодветни институции и градоначалникот на Битола и ќе бараат одговор за тоа какви активности ќе преземат за овие согледувања.
Прашан дали имаат анализа за досегашните проекти за Ромите и дали ќе оди во посета на други места, Ибраимовски одговори дека ќе направат пресек и ќе излезат со соопштение што е направено во делот на декадата и стратегијата на Ромите во Република Македонија.
– Ова е прва посета и ќе ги посетам сите градови во Република Македонија. На тој принцип и ќе ги направиме акционите планови и што се приоритети за подобрување на статусот на Ромите. Потоа ќе ја дадам предлог програмата за понатамошното работење на мојот кабинет, што ќе биде доставена до Премиерот, изјави Ибраимовски.