Камиони со стоки, за кои не се плаќаат акцизи ќе може да влезат од Србија во северно Косово, а ќе може да бидат внесени и акцизни стоки до три и пол тони, беше договорено синоќа во Брисел, пишува белградскиот весникот „Данас“ и додава дека договорот ќе стапи во сила од утре изутрина.
– Одлуката е донесена по разговорите, кои почнаа пред една недела, а согласно договореното на граничните премини ќе биде прегледана потребната документација, но не заради царинење, туку исклучиво заради потребите на статистиката, изјави раководителот на српскиот тим во преговорите на експертско ниво Дејан Павичевиќ.
Бизнисмените од северно Косово, кои сакаа да го блокираат преминот Јариње, во понеделникот им дадоа рок од 72 часа на држаните претставници на Србија да им појаснат што се случува со спогодбата за интегрирано гранично управување. Според нив спогодбата се нарушува и Приштина и мисијата на ЕУ, ЕУЛЕКС ги принудуваат да плаќаат царини на стоката, која ја внесуваат во северно Косово.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ изјави дека не е неопходно бизнисмените од северно Косово да го блокираат Јариње поради барањето да им се овозможи превезување на акцизни стоки и додаде дека српската Влада е одговорна за тоа прашање.
– Им посочив дека ќе ја суспендирам спогодбата со Приштина, доколку таа не се почитува. Ако е потребно Србија ќе го блокира Јариње, изјави Дачиќ за весникот „Блиц“.