Во галерискиот простор на Центарот за култура во Крива Паланка вечер ќе биде отворена годишна изложба на дела од членовите на ликовното студио кое работи во Центарот. Ќе може да се посети во наредните дваесет дена.
– Ќе бидат претставени над седумдесет дела работени во разни сликарски и цртачки техники. Тоа се творби кои десеттемина членови на студиото, млади таленти на различна возраст, ги создадоа во учебната 2016/2017 година, изјави Роберт Цветковски, академски сликар и раководител на ликовното студио.
Студиото е формирано пред шест години и досега го посетувале над стотина млади љубители на уметноста.
– Повеќе наши поранешни членови продолжија на Факултетот за ликовна уметност, други на архитектура или градежништво, каде ги применуваат научените и усовршени техники на цртање и сликање, додаде Цветковски.