Манчевски најави отворен социјален дијалог со сите синдикати и реформи на јавната администрација

Од:

Министерот за администрација и информатичко општество Дамијан Манчевски денеска во Охрид оствари прва средба со раководството на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Македонија (УПОЗ). Притоа, најави измени во пристапот кон преговорите во рамки на социјалниот дијалог, како и серија мерки за подобрување на условите за работа на вработените во секторот, но и нова стратегија насочена кон подобрување на услугите кон граѓаните.

– Овој состанок е почеток на нови разговори со цел изнаоѓање обострано прифатливо решение, без наметнување услови што не би биле прифатливи за вработените во јавната администрација. Од друга страна, заедно ќе работиме на подобрување на ефикасноста на администрацијата, а граѓаните да бидат многу позадоволни од услугите, на што ќе се инсистира во разговорите, рече Манчевски.

Истовремено тој најави широка дебата и консултации во врска со стратегијата на новата Влада за реформи на јавната администрација, процес што ќе отпочне веќе идната седмица, преку контакти со граѓанскиот сектор, синдикатите и сите заинтересирани чинители, со цел таа час поскоро да биде усвоена и имплементирана.

На вработените во администрацијата јавно им соопшти дека заврши времето на политички притисоци.

– Општеството е ослободено, така што сакаме вработените во администрацијата се слободни професионално да ги извршуваат своите работни обврски. Отворени сме за сите нивни сугестии вклучително и по однос предлогот за флексибилно работно време, како и други мерки ветени во преизборниот период, рече министерот.

Како првични чекори тој ги посочи измените во Законот за административни службеници, како и спроведување анализа за можностите за воведување на двосменско работење во дел од администрацијата за оние служби што им се потребни на граѓаните, одлука чие спроведување се најавува за после завршувањето на летните одмори.

Претседателот на УПОЗ Пецо Грујовски како главна забелешка во досегашниот однос со Министерството го посочи Законот за административни работници, за кој рече дека е на штета на вработените и во одредени одредби противуставен, со некои решенија кои се целосно неприфателиви и нелогични како што е принципот на казнување и наградување.

– Она што за синдикатот е најглавно е што со Законот е суспендирано колективното договарање и со таков текст во кој има законски ограничувања не можеме да ги уредуваме правата на работниците со колективен договор, рече Грујовски.

Тој изрази уверување дека ќе се најде решение и по однос на одредбите што го уредуваат работното време на администрацијата, како и оти во најкус можен рок ќе дојде и до потпишување на колективниот договор.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани во Охрид ги одржува 23-тите спортски игри.

Би можело да ве интересира

Деаноски: Ако не се постигне договор, не се исклучуваат штрајкови и тужби

Деановски: Продолжува протестот, 988 вработени немаат земено декемвриска плата

Протестите се малициозни и политички мотивирани, нова реакција од Владата на протестите на УПОЗ

Платите на 70 отсто од вработените во Министерство за култура се под просечната, велат од Синдикатот плата во РСМ

УПОЗ и одговори на Владата: Сте не измешале со некој друг синдикат

Катерина Ѓуровски

Синдикатот на вработените во Министерството за европски прашања демантира дека е дел од протестот на УПОЗ

Катерина Ѓуровски