Синдикалните организации на вработените на подружница Влеча на возови, на МЖ Транспорт ад Скопје и на Независниот синдикат на ад Транспорт МЖ Скопје бараат средба со министерот за транспрт и врски Горан Сугарески на која, како што соопштуваат, ќе се разгледа состојбата во МЖ Транспорт ад Скопје по исполнувањето на барањата на машинскиот персонал.
Средбата бараат да се одржи најдоцна до петок. Сметаат дека со исполнувањето на барањата на синдикатот на машинскиот персонал во МЖ Транспорт ад – Скопје, е создадена атмосфера на поделба на работниците во МЖ Транспорт ад – Скопје. Поради тоа, стои во соопштението, членовите на останатите синдикати во МЖ Транспорт ад – Скопје кои се и вработени во МЖ Транспорт, се крајно револтирани за селективното зголемување на коефициентот на сложеност на поединечни работни места. – Доколку на ова барање не добиеме позитиен одговор, истата информација ќе биде споделена со членството на останатите синдикати, за чии последици нема да чувствуваме одговорност како синдикални организации, се наведува во соопштението.
Машинскиот персонал во МЖ Транспорт вчера и завчера го блокираше железничкиот сообраќај, по што синоќа постигна договор за исполнување на барањата за додатоците за плата и коефициентите за работните места.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска изјави дека се отворени за разговори со сите синдикати во Железницата за која најави поддршка од државата за обезбедување што повеќе работа за поголема профитабилност.