Железничкиот сообраќај од ноќеска на полноќ ќе се нормализира откако претставниците на Машинскиот персонал на МЖ Транспорт постигнаа договор за поставените барања вечерва на средба со ресорниот министер Горан Сугаревски и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Од Министерството за транспорт и врски и од Машинскиот персонал потврдија дека на средбата е договорено да се исполнат барањата за зголемување на додатоците на плата и на коефициентите за сложеност на работни места.
– Постигнавме договор за барањата и возовите од полноќ ќе сообраќаат редовно. Исполнети се барањата за додатоците на плата и за коефициентите за сложеност на работни места, изјави претставникот на Машинскиот персонал Душко Чакаровски.
Тој не соопштува детали за постигнатиот договор со кој, како што рече, добиле ветување и дека во наредниот период платата ќе ја добиваат во целост, наместо во два дела како досега.
Машинскиот персонал го почна протестот вчера со редуцирање на домашниот патнички и товарен железнички сообраќај, а денеска дојде до целосен прекин на сообраќајот во железницата.