Здружението на уметници и ракотворби „Македонски ракотворби“-Битола ја отвори традиционалната годишна изложба на ракотворби во различни техники.
На свеченото отворање во изложбениот салон „Магаза“, претседателката на ЗУР „Македонски ракотворби“-Битола, Гордана Лазаревска, истакна дека изложени се оригинални ракотоворби на 22 членови на здружението од Македонија, Франција и од Грција.
– Нашите членови беа мотивирани од насловот на изложбата – „Монада“, а монада е стар збор од архаично потекло и значи единственост, божественост и сплотеност. Посетителите можат да видат везенини, чипки, тантели, слики во срмена техника, сликарство, иконографии, сликање на порцелан, раритетен накит од мониста и од памучен конец. Нашите членови користат различни техники, традиционални и современи, работат макетарство, суво цвеќе и други творби, посочи Лазаревска.
ЗУР „Македонски ракотворби“-Битола своите уникатни ракотоворби во изминатиот период ги презентирале во Хрватска, Србија, Грција, Албанија, а во текот на оваа година ќе престојуваат во Полска и Бугарија.
Во текот на следниот месец ЗУР „Македонски ракотоворби“-Битола ќе ја одржи манифестацијата „Во срцето на Битола“ која се организира 13 години по ред, односно од денот на основањето.