Рускиот претседател Владимир Путин денеска во Санкт Петербург изјави дека воопшто не му е грижа кој ќе биде следен канцелар на Германија, бидејќи, како што рече, Русија е подготвена за отворена соработка со секого.
– Всушност ќе работиме со секого под услов да е отворен за соработка како што сме и ние, изјави Путин на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Рускиот претседател притоа нагласи дека очекува по изборите во септември на власт во Германија да дојдат сили кои ќе ги ценат односите со Русија.
– Се надевам дека Германија ќе ја предводат луѓе кои ќе знаат да ги ценат односите со Русија, изјави Путин.
Тој исто така, ги отфрли обвинувањата дека Русија е вмешана во хакерски напади на „државно ниво“, нагласувајќи дека е убеден оти хакерите не можат да влијаат на резултатите од избори во која и да било држава.