Со портрет на истакнатиот македонски писател Јован Павловски, Друштвото на писателите на Македонија денеска ќе ја одбележи 80-годишнината од неговото раѓање и 60 години творечка дејност.
Средбата ќе ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Павловски ќе зборуваат Лорета Георгиевска-Јаковлева и Владимир Мартиновски.
– Како поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, писател за деца и публицист Јован Павловски создаде богат и разновиден опус кој има свое значајно место во тековите на современата македонска литература. Дебитираше со стихозбирката „Август“ во 1962 година, а потоа објави низа поетски книги, меѓу кои: „Медеја“, „Идентитет“, „Ментален простор“, „Одработен страв“ и „Строгоста на живеењето“. Автор е на романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, „Сок од простата“, „Проверка на слободата“,„Град, години луѓе“ и други, соопшти ДПМ.
За своето дело Павловски е добитник на врвни награди, меѓу кои: Рациново признание, „Стале Попов“, Книжевно жезло за творечки опус, „13 Ноември“ на Град Скопје, „Крсте Мисирков“, „Духовен воин“ и „Златно перо“. Неговото творештво е преведено на 20 јазици.