Пехчево започна со процесот на изработка на Стратегијата за развој на туризмот во рамките на проектот поддржан од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка „Платформа за фестивалски туризам“, а се изработува во партнерство со општина Брезница, Бугарија.
На првата работилница која се одржува денеска присуствуваа претставници од општина Пехчево, јавните институции засегнати од туризмот, од туристички капацитети и угостителските објекти, занаетчии, производители на традиционална храна и организатори на фестивалите.
Никола Каракашов, менаџер на проектот и од ЛЕРод Општина, истакна дека во рамките на оваа активност ќе се подготви сеопфатна студија за развој на руралниот туризам во општина Пехчево.
– Целта на студијата е да се оцени сегашната состојба и трендовите во руралниот туризам, да се дефинираат евентуалните насоки за одржлив развој, да се обезбедат препораки за одржлив развој на руралниот туризам. Изработката на студијата ќе вклучува дефинирање на факторите за развој на руралниот туризам, видовите на руралниот туризам кои имаат потенцијал за развој, вклучително и на фестивалскиот туризам, постојните туристички локалитети, проценка на постоечките за развој на туризмот, можностите за јавно-приватно партнерство и собирање и структурирање на една база на податоци во областа на руралниот туризам вклучително културата, музиката, фолклорот и традиционална храна во општина Пехчево, истакна Каракашов.
Содржината на студијата и стратегијата ќе вклучува музички фестивали, настани и прослави во Пехчево.
– Нашата цел е да се соберат информации за рурален туризам и да се идентификуваат потенцијалите за развој на руралниот туризам, да се обезбеди преглед на движечките сили и придобивките на руралниот туризам, да се идентификуваат движечките сили во руралниот туризам и неговите придобивки и што го прави руралниот туризам успешен и дефинирање мерки за развој на руралниот туризам во Пехчево. Студијата, исто така, ќе обезбедува информации за некои од најдобрите практики од други земји, кои претставуваат различни географски региони и фази на развој на туризмот, рече Каракашов.
Резултатите од оваа обемна работа ќе бидат презентирани во печатена и електронска форма, а ќе се идентификуваат можностите за идни инвестиции во руралниот туризам и опциите за јавно приватно партнерство во областа на руралниот туризам.
Изработата на стратегијата за туризам во Пехчево е дел од активностите на проектот, кој е со вкупна вредност од 450 илјади евра.