Во Кочани синоќа беше крената завесата на годинашниот 53. Драмски аматерски фестивал на Македонија кој ќе трае до 3 јуни.
Пред поголем број присутни гости и учесници на фестивалот присустните ги поздрави и им посака добредојде градоначалникот на Кочани Ратко Димитровски.
– Кочани во наредните шест дена ќе биде престолнина на Балканот, во која со свои актерски настапи и театарски претстави ќе гостуваат драмски аматери од Македонија и странство, истакна Димитровски.
Фестивалот за отворен го прогласи режисерот Дејан Пројковски, кој се потсети на деновите кога како аматер-режисер пред дваесетина години на овој фестивал ја добил и првата награда за режија на претстава со драмски аматери врсници од Скопје.
– Возбудата и тогаш и сега е голема. Фестивалот во Кочани е расадник на многу наши млади таленти, на драмски уметници, режисери, сценографи, костимографи, кои своите први почетоци и љубовта кон професијата ја стекнале на овој фестивал и во градот Кочани, истакна Пројковски.
Пред присутмните зборуваше и селекторот и директор на меѓународниот Балкански фестивал на кратки драмски форми од Софија Томи Јанков, кој заедно со група бугарски драмски уметници се гости на фестивалот.
На првата фестивалска вечер настапија драмските аматери од Големиот театар на Јагодина, Србија, кои на сцената на Домот на културата ја изведоа преставата „На морската шир“ од Славомир Мрожек, во режија на Бојан Милорадовиќ.
Во вечерниот термин беше промовирана книгата „Македонскиот рис“ од Славе Ѓорго Димовски за која илустрациите ги напрви Сергеј Андреевски. Промотор на книгата беше Ивица Џепаровски.
На вториот ден од фестивалот ќе бидат прикажани две драмски претстави со аматери од Прилеп и Куманово, а во вечерниот термин ќе биде промовирана книгата „Шекспир меѓу Македонците – од Триполи до Скопје, по трагите на преводот во ракопис од 1908 година „Венецијанскиот трговец“ во превод на Тодор Лазаров.