Сириските бунтовници по неколкодневните борби воспоставија целосна контрола врз палестинскиот бегалски камп Јармук во Дамаск, изјавија бунтовнички и палестински извори.
Судирите ги спротивставија бунтовниците, поддржани од некои Палестинци, против палестинските борци од Народниот фронт за ослободување на Палестина – Генерална команда (НФОП-ГК), што го поддржува сирискиот претседател Башар Асад.
Според бунтовнички извори, многу од борците на НФОП-ГК во саботата преминале на страната на бунтовниците, а лидерот на групата Ахмед Џибрил истиот ден го напуштил кампот.
-Целиот камп е под контрола на (бунтовничката) Слободна сириска армија, изјави палестински активист во Јармук.
Тој изјави дека судирите запреле и останатите борци на НФОП-ГК се повлекле и се приклучиле кон владините сили, разместени кај северниот крај на кампот.