Во рамките на проектот „Мрежа на новинарите за слобода на медиумите во Македонија“ денеска беше одржан стручен состанок на тема „Подобрување на соработката помеѓу новинарите и судиите со цел унапредување на медиумските слободи“, во организација на Академијата за судии и јавни обвнители „Павел Шатев“ и Здружението на новинари на Македонија.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинтели Анета Арнаудовска истакна дека судиите и новинарите треба да ги почитуваат спецификите на своите професии и меѓусебните разлики да ги надминат колку што е можно повеќе со цел за објективно информирање на јавноста.
– Во денешно време странките ги знаат своите права и обврски, тие читаат и се информираат. Во таа насока, потребен е современ начин на комуникација со публиката која и тоа како е заинтересирана за работата на судиите, не само во делот на одлучувањето и постапувањето, туку и во поглед на нивниот углед и нивното однесување во приватниот живот, истакна Арнаудовска.
Во однос на слободата на изразување низ призмата на ЕСЧП, судијката Мирјана Лазарова Трајковска се осврна на членот 10 од Европската конвенција за човековите права, во кој се вели дека секој човек има право на слобода на изразување.
Ова право, кое се пропишува во членот 10 од Конвенцијата, ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите.
– Остварувањето на овие слободи, кое вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Слободата на изразување не се однесува само на новинарите, туку и на граѓаните, граѓанските активисти, уметниците, судиите, адвокатите, рече таа.
Позитивна обврска на државата, како што посочи Лазарова Трајковска е да обезбеди ефективно уживање на слободата на изразување, а државата е таа која треба да овозможи услови за таквата слобода.
– Ја имаме и првата пресуда за Македонија во однос на слободата на изразување. Со пресудата за случајот „Селмани и други против РМ“ за првпат се утврдува повреда на правото на слобода на изразување од страна на Република Македонија, кое е заштитено со членот 10 од Европската конвенција за човекови права. За овој случај, ЕСЧП вели дека јавноста имала потреба од објективно информирање. Дикцијата на пресудата е дека информирањето било потребно. Воопшто, ЕСЧП оди со стандардот дека веста која е шокантна заслужува да го види светлото на денот, се додека не оди на нарушување на уставниот поредок, истакна Лазарова Трајковска.
Според неа македонските судови треба да изградат поинаков пристап кон јавноста, бидејќи поголем дел од судиите не сакаат јавни дебати и контакти со новинари. – Исто е и во ЕСЧП. Само мал број судии не ги одбегнуваат новинарите. Најчесто кога ќе се јават новинари тие ги упатуваат на службата за информирање, додаде Лазарова Трајковска.
Taa смета дека секоја земја која сака да има добар правосуден систем и да гради авторитет во јавноста мора да има реалција и транспарентност со јавноста.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, рече дека взаемната соработка меѓу новинарите и судиите е во интерес на демократијата, доброто владеење и подобрување на квалитетот на животот на сите.
– Новинарите може да бидат најголеми сојузници на судиите, кои со стручност и компетентност делат правда во Македонија. Добрата соработка на новинарите со судиите значи добра комуникација со јавноста, која може да биде голем поддржувач на независноста на судската власт кога таа е изложена на притисоци со цел одредени центри на моќ да влијаат на вашето одлучување, истакна Селмани.
Исто така и судиите, како што посочи, можат да бидат голем сојузници на новинарите кога одредени центри на моќ користат судски постапки за замолчување на новинарите. – Кога новинарите се изложени на разни форми и притисоци не се загрозени само нивните индивидуални права и слободи, туку и правото на граѓаните да бидат информирани, додаде Селмани.
Според него, новинарите и судиите денеска се соочуваат со заеднички предизвици, едните како трета власт одговорна за делење на правдата, а другите како седма сила за откривање на вистината.
Како претседател на ЗНМ и како новинар Селмани побара од судииите кога ќе им судат на новинарите да се раководат од практиката на Европскиот суд за човековите права.
На денешниот стручен состанок за слободата на медиумите учествуваа новинари, судии и адвокати.