Опозицијата во Грција се противи на продажбата на 20 отсто од акциите на телевизискиот канал Мега, бидејќи хартиите од вредност се откупени од солунскиот магнат со руско потекло Иван Савидис, кој е близок до власта, пишува весникот „Прото тема“.
Савидис е сопственик на солунскиот фудбалски клуб ПАСОК и тој неодамна беше ослободен од плаќање парични казни во вредност од 35 милиони евра, поврзани со неговата трговска компанија, откако партијата СИРИЗА протурка закон во Парламентот.
Главната опозициска партија Нова демократија се спротивстави преку соопштение на зделката, за која се претпоствува дека изнесува над пет милиони евра и која според конзервативците има цел да се воспостави владина контрола врз медиумите.
Владиниот кабинет од своја страна ја обвинува опозицијата дека постојано упатува критики кон власта за која било зделква во областа на медиумскиот простор.
За продажбата на акциите на Мега се дозна по соопштението на компанијата „Тилетипос“, која менаџира со телевизискиот канал, откако во компанијата се случила промена во составот на акционерите, меѓу кои се и издавачките групи Пигасос и ДОЛ, кои се соочуват со финансиски проблеми.
Извори, блиски до магнатот Савидис објавија дека зделката е склучена уште минатиот петок и дека таа се однесува на личните акции на издавачот Фотис Боболас, а не на оние на групата Пигасос.
„Прото тема“ објавува дека банкарите се изненадени од зделката, бидејќи не можат да го објаснат фактот дека една компанија со задолжувања и заеми од 170 милиони евра е во состојба да ги откупи тие акции.