Претседателот на Република Кипар, Никос Анастасиадис, во телевизиското интервју, дадено на 17 мај, го појасни својот предлог до лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи, предупредувајќи дека „е дојден часот на вистината за да се забележи најважното“ во преговорачкиот процес за повторно обединување на средоземноморскиот остров, пренесе денеска агенцијата АНА-МПА.
Шефот на кипарската држава изјави дека на Мустафа Акинџи му предложил под итно да се свика конференција за Кипар во Женева, на која ќе се постигнат видливи резултати.
Анастасиадис на својот колега од турската заедница му предложил: прво, на конференцијата до самиот крај да се доведе дебатата за поглавјето на безбедноста и гаранциите за островот, второ, доколку оваа дебата се покаже успешна, да се разгледа и територијалниот аспект на проблемот, и трето, двајцата лидери да останат во Женева колку што е потребно за да се постигне не само фактички напредок во преговарачкиот процес, туку и да се најде целосно решение на проблемот.
Кипарскиот претседател во интервјуто уверуваше дека предлогот го дал раководејќи се од критичниот момент во кој се наоѓаат преговорите за островот, а исто така, и со цел да го спречи ќорсокакот што се наѕира. Тој ги отфрли турските барања за прекин на енергетските планови на Никозија.
– Предлогот е во согласност со договорите постигнати на разговорите на 12 јануари во Женева и на 1 февруари во Кипар, додаде Никос Анастасиадис.
Претседател појасни дека доколку неговиот предлог биде прифатен, тоа ќе донесе итни резултати за кипарскиот проблем.