Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ вечерва, со свечена академија во Македонска опера и балет, го заокружи одбележувањето на 68-годишнината од основањето и на патрониот ден, Денот на светите Кирил и Методиј.
Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски во обраќањето на академијата рече дека „Св. Кирил и Методиј“ во својство на најголем и најстар универзитет во Македонија со регионална и европска препознатливост, се стреми кон интернационализација.
– Успешно ги реализираме нашите заложби перманентно да се зголемува бројот на студентски и професорски мобилности, а голема креативна енергија се вложува и во создавање подобри услови за привлекување поголем број странски студенти, а особено Еразмус + студенти и професори од други универзитети од цела Европа, истакна Јанкуловски.
Најави дека од следната академска година Универзитетот ќе почне со К107 интернационална мобилност, што ќе им овозможи на факултетите поинтензивно да соработуваат со факултети кои не се членки на ЕУ, од САД, Кина, Јапонија, Бразил, Израел и други.
Според Јанкуловски, за одбележување се и активностите за надворешна евалуација од страна на Европската асоцијација на универзитети, кои треба да завршат до април наредната година.
По обраќањето на ректорот, продолжи уметничкиот дел од програмата за што, традиционално, е задолжен Факултетот за музичка уметност (ФМУ) кој, пак, годинава го слави јубилејот – 50 години од своето постоење.
Хорот „Драган Шуплевски“ и симфонискиот оркестар на ФМУ, под диригентство на Бисера Чадловска и во режија на Дејан Прошев, исполнија нумери од најголемите мајстори на операта. Солисти беа Славица Птеровска – Галиќ, Весна Гиновска – Илкова и Горан Начевски, кои се дел од наставничкиот кадар на Факултетот, нивните студенти, како и сегашните и поранешните студенти по балетска педагогија и солисти во МОБ.
Во рамки на одбележувањето на 68-годишнината и патрониот ден, утрово беше организиран Молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј, а беше положено и цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј во УКИМ, по што, во Ректоратот на Универзитетот се одржа научна дебата на тема „Импакт-фактор: да или не?“.