Турција и предложи на Русија нов план за мирна транзиција на Сирија во периодот по соборувањето на режимот на претседателот Башар ал Асад.
Според овој предлог, од сирискиот претседател се бара да поднесе оставка во првите три месеци од следната година, а опозициската Национална коалиција би го водела транзицискиот процес, објавија турските медиуми.
За планот разговарале рускиот претседател Владимир Путин и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Истанбул, за време на посетата на Путин на 3 декември. Шефот на руската држава го смета предлогот како „креативна формула“.
Турција, која некогаш беше сојузник на Сирија, стана остар критичар на режимот на Асад поради крвавото спречување на протестите, кои прераснаа во граѓанска војна. Од друга страна, Русија е еден од неколкуте сојузници на Асад, која ги блокира резолуциите на Советот за безбедност на ОН против режимот во Дамаск.