Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун предупреди на „драматично ескалирање“ на сириската војна, споменувајќи ги вчерашните воздушни напади на сириските сили врз палестинскиот бегалски камп Јармук во Дамаск, соопшти портпаролот на светската организација Мартин Несирки.
Генералниот секретар ги предупреди двете страни во сириската граѓанска војна дека нападите врз цивилите можат да се сметаат како „воени злосторства“.
– Бан Ки-мун предупреди на континуирана драматична ескалација на насилството во Сирија во последните неколку дена, како и на огромната опасност за цивилите во подрачјата зафатени од судурите, истакна Несирки.
Бан Ки-мун нагласи дека воздушниот напад врз бегалскиот камп Јармук е „прашање за сериозна загриженост“. Сириски опозициски активисти соопштија дека најмалку осум лица загинале во тие воздушни напади.
Тој ги повика поделените големи сили да направат се што е во нивна моќ за да ги спречат трагичните судири во Сирија.