Петнаесет лица се повредени, од кои три се експресно евакуирани, во пожарот кој во текот на ноќта избувна во петтиот париски арондисман, јави дописникот на МИА од Париз.
Според портпаролот на париските противпожарни единици, потполковникот Самуел Бернес, едно од трите лица кое е во животна опасност страда од изгореници, додека другите две се поради труење со чад, останатите дванаесет повредени се евакуирани кон болниците со релативна ургентност.
Пожарот почнал околу 2.30 часот на вториот кат во една седумкатна зграда на аголот од улиците „Пјер-Никол“ и „Фустел-де-Куланж“, во близина на болниците Кошан и Вал де Грас.
Огнената стихија набрзо се проширила на двата погорни катови преку скалите.
Пожарот бил изгаснат околу 3.50 часот и во гасењето биле вклучени 130 пожарникари со 41 возило од 19 париски касарни.
Во моментов специјалистите се на терен за да ги дознаат причините за овај тежок пожар.