Екипата на битолски Пелистер е новиот освојувач на фудбалскиот Куп на Македонија.
Пелистерци попладнево во финалето на националниот куп кое се одигра на стадионот „Младост“ во Струмица, ја совладаа тетовска Шкендија со 4:3 по подоброто изведување на пенали.
Регуларните 90, а потоа и дополнителните 30. минути немаше голови односно резултатот беше 0:0.
Во пенал рулетот фудбалерите на Шкендија не реализираа два удара, а пелистерци еден, по што во решавачката петта серија Баже Илиоски беше сигурен егзекутор поставувајќи ги конечните 4:3 за Пелистер.
За битолчани ова е втор трофеј во Купот на Македонија откако пред 16 години, односно во 2001-година во финалето ја совладаа Слога Југомагнат со 2:1.
Со овој успех Пелистер обезбеди место во квалификациите за Лига Европа во кои ќе настапи и тетовскиот тим, како и трето пласираната екипа во шампионатот, место за кое се борат Работнички и Ренова, додека Вардар ќе не претставува во квалификациите за Лигата на шампионите.