Судот наместо да се постави како заштитник на демократијата и човековите права, доста често токму судовите се тие кои што ги загрозуваат човековите права и застануваат во одбрана на повредувачите на правото, беше заклучокот од дебатата на завршната промоција на проектот „Истражувачко новинарство – чувар на демократијата и човековите права“ на Плоштад Слобода и Фокус.
Судијката Маргарита Цаца Николовска кажа дека има доста примери кога судството не се поставува како заштититник, туку како прекршител на човековите права што можело да се забележи од извештаите на ЕУ, на Стејт Департментот како и од извештајот на Прибе во кои што се укажува на проблемите во судството, како што се селективната правда, заробената држава и немањето владеење на правото и демократија.
Укажувањата од овие и слични извештаи и истражувања се прифатени од институциите, меѓутоа по нив не се постапува и не се променува ништо, па состојбата останува иста, смета судијката.
Николовска обрати внимание и на изборот на судии и нивната специјализација.
– Според моделот за оценување на кандидатите за судии и обвинители најважна е нивната присутност на предавање. Не сакам да го дискутирам тестот за интегритет. Тој нема апсолутно никаква улога ако се има во предвид „тефтерчето“ за именување, односно за избор на судии, рече таа.
Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет кажа дека судскиот систем е така поставен да граѓаните не можат да стигнат до суд за предметите за дискриминација.
– Сите случаи досега што се водат, се случаи поддржани од здруженија на граѓани. Не се следени директивите на ЕУ, кои што кажуваат дека системот треба да дозволи бесплатно застапување за случаи за дискриминација, па доколку странката изгуби да ги плати судските такси. Кај нас треба да платите високи судски такси, адвокат. Доколку барате надомест на штета, треба и психијатриско вештачење, кое што чини 8.000 денари, рече Чаловска.
Таа кажа дека во последните 5 години се поведени само 60 постапки и сите биле поддржани од здруженија на граѓани.
Чаловска кажа дека во последните 4 години, 20 лица пријавиле дискриминација по однос на партиска припадност. Граѓани биле бркани од работа или биле прераспределувани на пониски позиции поради претпоставка дека биле членови на опозициската партија и напомена дека сите случаи се во јавната администрација.
Таа кажа дека во 24 години постоење, Уставниот суд има примено преку 300 барања за заштита на слободите и првата, а само во 1 случај има утврдено повреда на овие права.
Гоце Коцевски од здружението на Млади правници, наведе неколку примери каде што судот не ги заштитува човековите права, од кои во еден случај судијата како оправдување за нелегалното враќање на лицата од граница и ограничување на нивното право на движење, констатирал дека Македонија е потписничка на Шенгенскиот договор и како резултат на тоа, Македонија има обврска да прави такви строги проверки и контроли, а оваа одлука била потврдена и од повисоките судски инстанци.
Тој смета дека постојат системски проблеми и проблеми со стручноста на судиите кои неретко одлучуваат штитејќи ја државата и нејзините меѓународни односи, а не според закон.
Заклучоците на тројцата панелисти беа дека судството се јавува како заштитник на прекршителите на правата, а не како заштитник на човековите права и дека се потребни системски реформи и прифаќање на забелешките и извештаите на меѓународните и невладините организации.