Компаниите се општествено одговорни и отворени за соработка со граѓанскиот сектор и вложуваат во заедницата пред се за обука и образование на неопходните кадри, но и во здравството, културата, спортот и другите сфери од општествено значење.
Ова е главниот заклучок на завршната конференција на проектот „Финансиска одржливост на граѓанските организации преку соработка со бизнис секторот“ финасиран од ЕУ, што во изминатите 16 месеци го спроведуваше Фондацијата за развој на образование и култура (АЛБИЗ) во соработка со Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ).
– Проектот имаше за цел да ја поттикне општествената одговорност на компаниите и да овозможи финасиска одржливост на граѓанскиот сектор во сферата на финасирање на проектите и активностите. Се одвиваше во северо-западниот дел на Македонија и беа посетени сите градови во кои се остварија контакти со бизнис заедницата при што се изврши проценка на досегашната соработка меѓу граѓанскиот и бизнис секторот, изјави Илир Идризи, извршниот директор на АЛБИЗ пред почетокот на конференцијата.
Тој посочи дека во сите градови беа организирани работилници за финасирањето на невладините организации и нивниот пристап кон бизнис секторот, а се извршија и истражувања за досегашната практика и беа дадени насоки за подобрување на соработката.
– АЛБИЗ и СКСЗМ беа иницијатори на формирање на неформална платформа на невладиниот сектор за соработка со бизнис секторот во која веќе се зачленети 38 НВО кои имаат цел да ја подобрат сликата на соработка со бизнис секторот. Во таа насока е креирана и стратегија за соработка меѓу граѓанскиот и бизнис секторот, а 50-те мали и средни компании кои беа дел од проектот покажаа дека се доста заинтересирани својата општествена одговорност да ја реализираат преку граѓанскиот сектор или во заемна соработка, рече Идризи.
Претходно, потенцира, имаше недоволна информираност за работата што ја врши невладиниот сектор, како и недоверба во однос на неговата транспарентност. Сега има поголема доверба и соработката се одвива на подобар начин.
Извршниот директор на СКСЗМ Фатмир Битиќи посочи дека кај компаниите членки на комората има растечки тренд на општествена одговрност.
– Сметам дека со овој проект успеавме да ја подобриме довербата меѓу бизнис заедницата и невладините организации во нивната заемна соработка. Без разлика на политичката криза која трае веќе 2,5 години и тешката економска ситуација на стопанствениците, тие се подготвени и последниот денар да го дадат за општествено корисни работи зашто веруваат и длабоко се убедени дека поддршката на заедницата е во суштина поддршка на нив самите, рече Битиќи.
Нагласи дека компаниите одвојуваат од својот личен профит само за да решат некој проблем во заедницата.
– Бизнис заедницата одвојува енормни суми на пари за подобрување на условите за децата во образовниот систем и за добивање можност да се образуваат. Тоа го прават бидејќи веруваат дека образованието може да им помогне на самите компании и на целото општество. Се вложува и во културата, спортот, здравството и други различни области, рече Битиќи.
Од новата влада, како што кажа, очекуваат да биде искрен партнер со бизнис заедницата и да има отворен дијалог за проблемите со кои се соочуваат, како и за јавниот долг и меѓусебните договорни обврски.
Стопанственикот Лирим Мерсими посочи дека бизнисот инвестира најмногу во создавање нови кадри кои ќе бидат доходовни и ќе претставуваат движечка сила за малите и средни претпријатија во Македонија.
– Недостасуваат менаџери кои ќе раководат со фирмите за бизнисот да биде поуспешен. За таа цел стипендиреме студенти и ги праќаме надвор од државата за да донесат нови идеи во нашето општество, рече Мерсими.