Претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и лидерот на кипарските Турци, Мустафа Акинџи денеска ќе имаат нова средба во присуство на специјалниот претставник на Обединетите нации за Кипар, Еспен Барт Еиде, на која ќе разговараат за следните чекори во преговорите за обединување на островот, објави весникот „Нафтемборики“.
Се очекува двајцата лидери да одлучат како ќе продолжи дијалог и да разговараат за теми поврзани со Европската унија, имотните прашања, практичната примена на решенијата за повторно обединување на островот и финансиски прашања.
Дипломатски извори оценуваат дека клучно за решавање на кипарското прашање е свикување нова конференција, како таа во Женева во јануари, со учество на земјите гаранти на Кипар, Велика Британија, Грција и Турција.