Струмица утре ќе биде домаќин на 26.финале во Националниот куп на Македонија што ќе се игра во 17 часот меѓу фудбалските клубови Пелистер и Шкендија.
На денешната прес-конференција, стратезите на двата клуба истаканаа дека нивните играчи се целосно подготвени за утрешниот предизвик, а повикаа и на фер навивање.
– Би ја искористил позната изрека на Цезар. Нека биде ова битка за народот, нека има игра, а ние ќе бидеме гладијаторите на теренот. Македонија ми е седма земја каде сум работел, а ова ми е вкупно трето финале во куп. Во Бугарија и во Албанија ми успеа да стасам во финалето, а сега се надевам и дека ќе го кренам пехарот. Го почитуваме противникот, Шкендија е силен тим, но најважно е да биде коректно и на теренот и особено на трибините. Нека победи подобриот, рече Наџи Шенсои, тренерот на Пелистер.
Капитенот на Пелистер, Горан Пашовски посакува да го дигне пехарот како што тоа пред 16 години го направи неговиот колега Митко Стојковски.
– Сите знаеме каде беше Пелистер минатата сезона, но со новото раководство гледате до каде сигнавме, до финале во купот и одиме добро и во првенството. Оваа сеозна за нас е успешна, а доколку го освоиме купот ќе биде уште поуспешна. Овој меч Пелистер, Чкембари и битолчани го чекаат 16 години и по толку години се надевам, дека јас и Гоце Тодоровски повторно ќе го подигнеме пехарот како што тоа го стори Митко Стојковски пред 16 години, рече капитенот на Пелистер, Пашовски.
Ехан Селими, тренерот на Шкендија, вели дека ќе победи подобриот.
– Јас играв фудбал со капитенот на Пелистер Горан Пашовски и повторно ќе биде заедно, пријателски, без разлика кој ќе победи. Секако утре ќе бидеме ривали, но потоа остануваме пријатели. Сакам да победи подобриот, а секако ќе си подадеме рака. И секако апел до навивачите, нека биде ова претстава за паметење во убав амбиент, рече Селими.
Капитенот на Шкендија очекува интересен натпревар.
– Се надеваме на добар натпревар, и посакуваме ние да победиме и да ја завршиме сезоната со пехар, рече капитенот на Шкендија, Ариан Цуцули.