Поранешниот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва денеска треба да се појави на суд под обвинение за пет кривични дела во досега најголемиот корупциски скандал во Бразил, поврзан со државната нафтена компанија „Петробрас“.
Истрагата, со која се опфатени над 100 бразилски политичари, трае веќе три години и предизвика темелни потреси во домашната политика.
На денешното сослушување во Судот во јужниот бразилски град Куритиба, Лула ќе одговара за првото обвинение за земање поткуп од една моќна домашна градежна фирма, која целосно му го адаптирала приватниот стан во едно бразилско одморалиште на Атланскиот Океан.
Лула е обвинет и за перење пари, за влијание при продажба на имот, што во Брзил се смета за кривично дело, како и за попречување на правдата.
Одлуката на судот се очекува за најмногу 60 дена, а на процесот поранешниот претседател првпат се соочува со федералниот судија во неговиот процес Серхио Моро, кој инсистира на вината и одговорноста на Лула.
Доколку биде прогласен за виновен, на Лула му се заканува затворска казна или забрана за бавење со политика.
Лула ги отфрла обвинувањата и го обвини судијата Моро дека води „политичка хајка“ против него.
Пред Судот се собраа стотица приврзаници на поранешниот претседател, но во градот се организираат и контрапротести со кои се бара осуда за Лула.
Доколку биде ослободен од обвинувањата, Лула веќе најави дека одново ќе се кандидира на претседател на изборите во 2018 година, за кои уште од сега важи за фаворит за победа.
Лула да Силва, кој беше претседател на Бразил во два мандати, е популарен кај посиромашните слоеви во бразилското општество и кај левичарите. Тој е поранешен работник во челичарница и некогашен синдикален лидер.
Поради уставното ограничување да не може да се кандидира за трет последователен мандат во 2010 година, Лила да Силба за свој наследник ја предложи блиската соработничка Дилма Русеф, која успеа да се избори и за втор претседателски мандат, но минатата година беше сменета со импичмент.