Повеќе стотици грчки и активисти од дваесетина земји синоќа протестираа во центарот на Атина против растечкиот расизам, антисемитизам и неонацизам во грчкото општество и во Европа, јавија агенциите.
Како што пренесува грчката АНА МПА, организаторите митингот го нарекле „голема европска битка за демократија“.
Полицијата соопшти дека на централниот атински плоштад Синтагма, наспроти парламентот, синоќа се собраа околу 500 лица, додека организаторите тврдат дека имало двојно повеќе.
Демонстрантите го раширија големиот транспаретн на кој пишуваше „Европа против неонацизмот“, пренесуваат агенциите.
Меѓу демонстрантите имаше атињани, имигранти, интелектуалци, уметници, припадници на антирастистички движења, пратеници на левичарските партии, наведува АНА МПА, дополнувајќи дека меѓу насобраните биле и францускиот ловец на нацисти Серж Кларсфелд и италијанскиот книжевник и нобеловец Дарио Фо.
На демонстрантите им се придружи и атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, кој изјави дека „гладот и потребите немаат националност, ниту пасош“.
-Знаеме дека постојат одредени политички сили кои се обидуваат да ги обвинат имигрантите за сите проблеми во земјата. Тоа е неприфатливо, невистинито и неосновано, рече Каминис.
Според странските агенции, синоќешниот настан беше насочен против грчката десничарска партија „Златна зора“, која освои седум отсто од гласовите на избирачите на јунските парламентарни избори, со што го обезбеди влегувањето во парламентот. Оваа партија се сомничи за неколку напади врз имигранти и припадници на малцинските групи во текот на изминатите неколку месеци, наведуваат агенциите.