Министерството за одбрана реагираше на денешната прес-конференција на Синдикатот на одбраната и безбедноста (СОБ) посочувајќи дека било побарано од двата синдиката да достават списоци со пристапници на членови за да биде исплатена членарината, но оти од страна на СОБ не добиле ажуриран список.
– Од Синдикатот на одбраната и безбедноста, и покрај официјалниот допис, не добивме ажуриран список. Поради тоа средства за членарина воопшто не се одбиени од платите на вработените, односно истите имаат добиено полна плата. Единствено, наплатени се членарини за оние лица за кои Синдикатот на одбраната и безбедносните сили достави соодветен ажуриран список на членови, се истакнува во реакцијата.
Министерството и министерот Јолевски, се додава во реакцијата, не делуваат еднострано, туку за сето ова има официјално заверени акти од Министерството кон СОБ.
Во реакцијата се посочува дека МО ги поддржува синдикалните здружувања и се оградува од секое имплицирање дека постои било какво влијание врз нив. – За Министерството е важен секој вработен во МО и АРМ и затоа очекуваме соодветните синдикати со најголема сериозност да функционираат и да работат за постојано унапредување на работните услови и правата на нашите вработени, вели МО во писмената реакција.