Околу 40 македонски претприемачи во текот на следните две недели ќе се стекнат со бизнис вештини како поуспешно да го развијат својот бизнис од стручни лица од школата Ричард Ајви од Канада.
Едукацијата се реализира преку проектот „Лидер – Образование, лидерство, развој“ кој годинава по десетти пат го спроведува организацијата „Македонија 2025“.
– Интересот е голем така што сме презадоволни од проактивноста на македонските претприемачи и сметаме дека ако се вложува во нив преку вакви светски бизнис вештини тогаш Македонија ќе има голем економски развој и може да успее на глобално ниво да конкурира на светските бизниси, истакна Билјана Марковиќ – Стаменова, извршен директор на „Македонија 2025“.
Таа додаде дека досегашните учесници се задоволни од програмата и оти имаат придобивки од стекнатата едукација во понатамошното работење.
– Повратната информација која ја добивме од досегашните учесници беше дека продуктот што го развиле тука, потоа го презентирале пред инвеститори или пред директорот во фирмата и добиле неверојатно добра реакција, рече Марковиќ – Стаменова.
Со програмата опфатени се сите сфери на бизнис работењето почнувајќи од маркетинг бизнис стратегијата, финансиите и финансиските анализи, конкуретноста и сето она што може да го направи бизнисот поуспешен.
Според Фара Курџи, извршен директор на Лидер програмата од Ајви бизнис школата во Канада, македонските претприемачи се заинтересирани за нови знаења.
– Ме воодушевува страста и жедта за знаење на учениците во Македонија и се надеваме дека и оваа година ќе го имаме истото, рече Курџи.
Досега преку програмата „Лидер – Образование, лидерство, развој“ се едуцирани над 300 лица.