За разлика од претходните години на Ф4 турнирите во Лигата на шампионите, на прес-конференцијата после вечерашниот полуфинален натпревар вардарки имаа насмевки на лицата како награда за целиот вложен труд, за покажаното на теренот и триумфот над европскиот шампион ЧСМ Букурешт со 38:33.
Задоволство од прикажаната игра и резултатот имаше и кај тренерот на „црвено-црните“ Ирина Дибирова.
– Имавме добра анализа пред средбата и добро се спремивме. Ништо не не изненади на натпреварот. Првите 10 минути беа клучни за натпреварот, рече Дибирова на прес-конференцијата.
Стрелецот на седум погодоци, Андреа Пенезиќ изјави дека и се исполнила желбата да игра во финале.
– Ова е како остварување на сонот. Четврта сезона играме и првпат сме во финале. Сакам да им честитам на сите колечки, бевме одлични, моќни и ментално силни и ја заслуживме победата.
На утрешното финале од 17:45 Вардар ќе игра со Ѓер.