Ракометарките на Вардар по три неуспешни обиди во претходните три сезони, конечно изборија финале во Лигата на шампионите.
„Црвено-црните“ вечерва во Будимпешта во второто полуфинале на „фајнал фор“ турнирот го победија се уште актуелниот европски првак ЧСМ Букурешт со 38:33.
Вардарки одиграа квалитетен меч на кој како решавачка се покажа разликата направена по првите 30 минути кои ги завршија со предност од 8 гола (21:13). Со контрола на резултат уште од почетните минути, највисоката предност македонскиот шампион ја имаше во 24.минута (19:8), а потоа со рутинска игра беше исполнета целта.
Воедно Вардар му се реваншира на Букурешт за минатогодишниот пораз во полуфиналниот дуел на завршниот турнир.
Андреа Пенезиќ и Јованка Радичевиќ со по 7 погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, Андреа Лекиќ придодаде 6, Александра Лакребер 5 гола. На голот Амандин Лејно забележа 10 одбрани, Ина Суслина пет од кои три седмерци во серија.
Во утрешното финале од 17:45 часот Вардар ќе игра со Ѓер кој денеска во првото полуфинале го победи Будуќност со 26:20.
ФОТО: HC Vardar – Women