Професорката од Правниот факултет во Скопје, Каролина Ристова-Астеруд на својот Фејсбук профил го критикуваше потегот на новиот претседател на македонското Собрание, откако тој веднаш по влегувањето во неговиот нов кабинет, покрај македонското, постави и знаменце на Албанија.
– Ах, човек на ништо да не може да се израдува и за ништо да не може да му олесни во оваа земја! Ах, Талат, Талат, кое разочарување, ова со знамињата во кабинетот на Претседател на Собранието на РМ е ок?! Навистина?! Со оглед на се и после се?! Ама, ова како „ми се може“, така?! Впрочем, во целава наша „атмосфера“ изгледа утврдивме дека само ДПМНЕ, македонскиот национализам и национал-шовинизам се зло, но истите феномени кај ДУИ, другиот албански политички фактор, кај Албанците воопшто, се баш кул, и далеку ќе ја одведат и земјата, и регионот, а богами и самите Албанци?, пишува професорката и поранешна пратеничка во нејзината објава на Фејсбук.
– Исто како што утврдивме дека не чини само кога Македонци не почитуваат устав и закон, демократски процес на усогласување и одлучување , кога се корумпирани, кога крадат и кога владеат лошо, на ѓон или насилнички? Кога сето тоа го прави албанскиот политички фактор и Албанците во Македонија, дал на државно ниво, дал на ниво на единици на локална самоуправа (со посебна сласт и страст кон мнозинството што е во позиција на малцинство, но и кон другите малцинства, што ќутенкум, што декларирано како од страна на Села во неколку прилики), е тогаш се е ок, за замижување, за неодговорност, за користење различни, двојни-тројни стандарди и секакви песни на апологија до правење улави, а и, секако, ич не влијае на џебот и на животот на цело граѓанство, па и на тие од „мнозинството“, имено, Македонците, стои во објавата.
– Ова со знамињата е потсетувањето на тоа денес? Јас како граѓанка никаде и никогаш не сум имала шанса и можност да издебатирам и да одлучам, во Собранието на РМ, од пратениците, па згора, ни помалку-повеќе, од претседателот на Собранието, кој како „прв меѓу еднаквите„, не преставува сите, да се употребува било кое друго знаме, па и тоа да е на некоја од етничките заедници, а не знаме на друга држава, освен официјалното државно знаме како знаме за сите нас. Ако било што менуваме, ако воопшто има основ и аргументи за тоа, дома и споредбено, тоа треба да се одлучи низ демократски процес, а не со вакви подмолни итарпејовски силувања и на ѓон, без обзири за државните, граѓанските, етничките и демократските чувства на сите засегнати. Кога еднаш ќе се разбере дека „тиранијата на малцинството“ (било какво, политичко, етничко, итн.) е исто толку страшен и деструктивен феномен како и „тиранијата на мнозинството“ ? Но, само продолжете, да видиме до каде ќе стигнеме сите вака и сите вакви заедно, јас сум длабоко уверена дека нигде арно, земјата ќе продолжи да си крвари оти национализмите функционираат на акција-реакција, се хранат едни од други, се оправдуваат едни со други. Јас лично немам намера да урлам за еден, а да ќутам за друг, само затоа едниот бил „поголемиот брат“ а другиот бил „помалиот брат“. Конечно, од секогаш и во се, колку што ми се гадело од „џелатите“, уште повеќе ми се гадело од синдроми на „жртви кои стануваат поголеми џелати од џелатите„, а тоа, чинам, станува ептен албански синдром, кој нужно се враќа како бумеранг, ама без утка, затоа некој треба сериозно да израсне малце демократски капацитет, одговорност, полнолетна зрелост, обзирност и чувство за фер-плеј, по онаа „не им го прави на другите тоа што не сакаш да ти го прават тебе“!, заклучува Каролина Ристова-Астеруд во нејзината објава.