Вооруженото крило на палестински Хамас му даде рок од 24 часа на Израел да ги прифати барањата на стотици палестински затвореници кои почнаа со штрајк со глад на 17 април.
– Го предупредуваме непријателот да не ги игнорира законските барања на затворениците и му даваме 24 часа да одговори на нив, изјави портпарол на бригадите Изедин ал Касам.
Во спротивно, „Израел ќе плати цена за секој ден доцнење“, додаде портпаролот. Тој нагласи дека Хамас секој ден ќе ги зголемува барањата за бројот на затворениците кои треба да бидат ослободени во рамки на идна размена на затвореници со Израел.
Во 2011 година израелските власти ослободија над илјада палестински затвореници во замена за еден израелски војник кој беше заробен од Хамас. Хамас тврди дека држи двајца израелски војници кои биле заробени живи за време на војната во Појасот Газа во 2014 година.