Околу 250 играорци од Културно-уметничкото здружение „Фолклористи” од Крива Паланка синоќа на годишниот концерт на друштвото презентираа игри и танци од источниот крај на Македонија.
Концертот ја преполни салата на Национална установа Центар за култура Крива Паланка, а со настанот беа одбележани пет години од формирањето на „Фолклористи”.
– Петгодишниот јубилеј беше повод да подготвиме нови кореграфии, премиерно претставени вечерва: Седенка, Копачка и Србија, а секако на концертот настапивме и со постојниот репертоар игри од Североисточна и Источна Македонија, изјави Васе Стаменковски, претседател на КУЗ „Фолклористи”.
Пред паланчани се претставија шест ансамбли играорци кои со деведесетминутната програма ги оживеаја македонскиот изворен и стилизиран фолклор.
На концертот присуствуваа делегации од Бор, Република Србија и Разлог, Република Бугарија.
Од Здружението најавија учество на Меѓународен детски фолклорен фестивал во Скопје, кој ќе се одржи на 3 мај и на 25 мај на Меѓународен фолклорен фестивал „Мир на Балканот” во Дупница, Бугарија.