Европската комисија денеска соопшти дека ги презема првите чекори околу почнување казнена процедура против Унгарија, поврзана со промените во унгарскиот Закон за високо образование, за коишто се претпоставува дека може да ја прекратат дејността на Универзитетот на Централна Европа во Будимпешта.
ЕК соопшти и дека, засега, прашањето на миграцијата ќе остане на ниво на дијалог со унгарските власти – односно нема да има санкции, и покрај тоа што Унгарија одби да ги исполни квотите за раселувањето на мигрантите. Натаму, се наведува и дека се следи развојот на унгарското законодавство за регистрација на невладините организации.
Комисијата нагласи дека казнената процедура започната денеска ќе зависи од одговорите што се очекуваат од унгарските власти.
Темата ќе биде разгледана денеска попладне на пленарната седница на Европскиот парламент во Брисел, на која ќе присуствува и унгарскиот премиер Виктор Орбан.