Општина Новаци во соработка со ОУ „Слако Лумбарковски“ и Културно-информаивниот клуб-Новаци, го одржаа третиот по ред фестивал на детско творештво „Мост меѓу две срца“.
Како што истакна градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски, фестивалот е посветен на Светскиот ден на книгата и авторското право и има за цел поттикнување и промовирање на детското творештво, креативно изразување гледано од детското срце и негова дисперзија и развој во руралните средини.
– Ние како единица на локалната самоуправа секогаш се вклучуваме во вакви и слични настани и помагаме во нивното реализирање во границите на нашите можности. Овој проект има за цел да придонесе за поттикнување на детското творештво и едукативно да се придонесува во креативноста на детското срце и срцето на книгата, посочи Котевски.
Годинава на фестивалот учествуваат претставници од 12 основни училишта од општините во регионот со поетски, прозни и ликовни творби од ученици од одделенска и предметна настава.
– Оваа година младите љубители на убавиот збор пишуваа на тема „Творам со срце за родниот крај“. Авторските творби кои што пристигнаа на фестивалот ќе бидат составен дел на содржините на детска книга, која се објавува во октомври по повод месецот на книгата. За најдобрите творби одлучуваше четиричлена комисија составена од писатели и професори по македонски јазик, а најдобрите творби се наградени, истакна координаторката Елизабета Јончиќ, од Културно информативниот клуб-Новаци, организатор на фестивалот.