Во трговскиот центар „Капитол мол“ денеска се одржа ликовен хепенинг на кој деца од градинките и ученици од основните училишта од општина Аеродром цртаа на тема „Ја сакам Европа“.
Настанот го организираа Општина Аеродром, Европското движење во Република Македонија и Делегацијата на ЕУ во Скопје по повод 9 Мај – Денот на Европа.
На крајот беа избрани најдобрите цртежи, а наградите на малите творци им ги доделија евроамбасадорот Самуел Жбогар, градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски и претседателката на Европското движење во Република Македонија, Милева Ѓуровска.
За најдобра ликовна творба во категоријата од предучилишна возраст е избран цртежот на Ива Минова од градинката „Срничка“ објект „Црвенкапа“. Во категоријата од одделенска настава за најдобар е избран цртежот на Филип Костадиноски, петтоодделенец во ООУ „Димитар Македонски“, а осмоодделенката Моника Стојковска од ООУ „Браќа Миладиновци“ е избрана за најдобра во категоријата од предметна настава.
Општина Аеродром информира дека целта на манифестацијата и на конкурсот е да се развие детската уметничка креативност и инвентивност, но и на најмладите од општината да им станат блиски европските вредности. Цртежите од ликовниот конкурс, како и наградените творби, ќе бидат изложени во „Капитол мол“ до 9 мај.