Пет европски компании од кои две се германски ќе дадат по речиси една милијарда евра заем за финансирање на рускиот гасоводен проект „Северен тек 2“ кој ќе биде спроведен од руската државана компанија „Газпром“ објави денеска концернот сопственик на новиот европски енергетски проект, јавуваат германските медиуми.
И покрај тоа што голем дел од земјите членки на ЕУ се противат на нови руски енергетски проекти затоа што со тоа се зголемува зависноста на Европа од руски енергенси и го прекрушува принципот на унијата за диверзификација на енергенсите, две германски компании Винтершал и Унипер со дозвола од владата во Берлин ќе дадат по 950 милиони евра како заем за „Газпром“.
Како што пренесува дописникот на МИА од Берлин покрај нив заем со иста вредност ќе дадат и англо – холандската компанија „Ројал – Дач Шел“, австриската „ОМВ“ и француската „Енги“ остатокот од 5 милијарди евра или 50 % од вредноста на проектот ќе го покрие руската страна.
„Газпром“ и досега беше најголе дистрибутер на енергенси во Европа а со новиот проект и покрај противењето на Европската Комисија ќе стане доминантен снабдувач на европскиот пазар кој што и покрај тоа што ќе ги загрози антимонопослите закони во ЕУ се спроведува од страна на компании на најмоќните европски држави. Гасоводот „Северен тек 2“ ќе пренесува гас од Русија преку Балтичкото море до градот Грајфсвалд на североисток на Германија и со тоа администрацијата на Путин добива стратешка енергетска комуникација со ЕУ без притоа да се плаши од блокада на руските енергенси кои сега се дистрибуираат преку Украина.
Според весникот „Фајненшл тајмс“ против рускиот проект отворено се Полска, балтичките земји Литванија, Летонија и Естонија, а за поставување на гасоводот на дното на Балтичкото море проектот ќе мора да добие согласност од Данска, Шведска и Финска. Данската влада предходно најави дека ќе иницира законски промени со кои ќе може да го блокира проектот на база на загрозување на геополитичките интереси.
Европската Комисија денеска одби да ги коментира информациите за заемот што 5 европски компании го даваат на руската државна фирма во исто време додека Москва е под санкции на ЕУ и САД. Во обидот да најде правна основа за проектот Европската Комисија годинава донесе заклучок дека европската легислатива за енергија не важи за овој гасовод со што се согласи и германската влада. Брисел планира допрва да почне преговори со Москва на кои ќе се залага за транспарентност во изведбата на проектот, недискриминација при утврдување на таксите за транспорт на гасот, пристап од трети фактори до гасоводот како и јасна поделба меѓу фирмите кои се одговорни за дистрибуцијата и правните субјекти кои што се занимаваат со обезбедување на енергенсот.
Почетокот на работите на „Северен тек 2“ се очекува наредната година, треба да биде функционален во 2019 година а трасата ќе минува паралелно со проектот „Северен тек 1“ кој со години носи руски гас во ЕУ.