Студеното време со ниски утрински температури под нулата што ја зафати Македонија може да предизвика големи штети кај земјоделските култури, особено кај лозовите насади, овошките и оревот.
Управата за хидрометеролошки работи соопшти дека штети се очекуваат скоро во целата држава, со исклучок на Гевгелискиот и Дојранскиот регион кои не беа зафатени со студениот бран. Оштетувања може да има и кај коскестите видови како праската која покасно цвета или кај оние видови кои имаат плодови што се во фенолошка фаза – пораст на плодот. Ова, особено важи за Беровскиот регион, кој во текот на вчерашниот и денешниот ден беше зафатен со вакви температури.
Од Управата за хидрометеролошки работи посочуваат дека во овој период виновата лоза се наоѓа во фаза на појава на ластари и почеток на појава на гроздови, така што температури околу -0,6 или -1 степен може да предизвикаат сериозни оштетувања.
Штети се очекуваат и во овоштарството, особено кај јаболчестите видови кои вообичаено цветаат во овој период и отпочнуваат со фазите на формирање на плод и развој. Големи штети се очекуваат во Преспанскиот регион поради мразот којшто е забележан вчера и утринава.
– Покрај минималните температури на воздухот забележани утрово кои се во центарот на вниманието во овој период, подеднакво важни се и местоположбата на насадот, експозицијата на теренот, почвените типови, надморската височина и можеби најважно е времетраењето на периодот со такви температури и сл. така што и штетите би зависеле од сите овие параметри, со што на одредени места истите можат да предизвикаат само проретчување на родот што е најповолната варијанта, велат од УХРМ.
Можни оштетувања не се исклучени и во тутунопроизводството кај одгледувањето на расадот, во градинарството на отворено и слично, додека со наврнатите над 25 литри на метар квадратен, житните култури во овој период добиле вода која им е неопходна за нормалено продолжување на вегетацијата, но во овој момент не ја решава кризата со вода, туку само ја санира за одреден период.
– Според агрометеоролошките согледувања и искуствата се покажува дека констатирањето на штетите од измрзнувања целосно не се воочуваат непосредно после појава на мразот, туку според досегашната пракса потребно е време од околу 24 до 42 часа, и тоа после стабилизацијата на времето, дневното затоплување и реакцијата на културите. Можни се констатирања на штети од мраз непосредно по појавата доколку истиот бил подолготраен и многу интензивен, велат од УХРМ.
Од климатолошки аспект, моменталните временски состојби не се единствени забележани досега бидејќи вакви температури имало и многу покасно во пролет. Според податоците со кои располага УХРМ, во Берово имало мраз и во јуни, додека поголем дел од регионите ги зафаќал мраз и во мај, најчесто во првата половина од месецот.
Најниски негативни температури во текот на април забележани се во Штип, Виница, Демир Капија, Скопје Зајчев рид и во Гевгелија и тоа од последните 10 години се случило на два датуми – на 8 и 9 април 2003 година која се јавува како најладна година во април. Интензитетот на тој мраз бил и поголем од оној којшто сега е забележан, но тој се јавил и 15 дена порано.