Мапа со 54 планинарски патеки на Шар Планина беше претставена денеска во рамките на еднодневна трибина „Важноста на планинарските патеки за развој на руралниот еко туризам на Шар Планина“ што во организација на платформата Пријателите на Шара се одржа во Тетово.
Патеките се со должина од над 300 километри и досега се користени од страна на планинарите, туристите и месното население. За значењето на планинарските патеки и постоечката мрежа на обележани патеки на Шар Планина зборуваше претседателот на планинарскиот клуб Љуботен од Тетово Јован Божиновски.
– Овие 54 патеки се протегаат по целиот масив на Шара од Љуботен до Мавровското Езеро. На мапата се објаснети почетните точки, точките на минување и крајното одредиште, со информации дали и колку секоја од нив е соодветно обележана со таканаречени маркери, информативни табли, постоење на сместувачки капацитети, можности за ГПС наведување и слично. Сакаме на овој начин да ги поттикнеме сите планинарски друштва од шарпланинскиот регион да придонесат во зачувувањето на постојните и обележување на нови планинарски патеки согласно европските стандарди за сигурност. Мапите ќе бидат достапни по канцелариите на планинарските друштва и планинарските домови, изјави Божиновски.
Денешната активност е дел од проектот за зачувување на биолошката разновидност и одржливото искористување на природните ресурси на масивот на Шар Планина и подршка на инцијативата за прогласување на дел од оваа планина за национален парк.
– Заедно со постоечкиот национален парк од другата косовската страна на границата на овој начин би се добило заштитено подрачје од што придобивки би имало и месното население преку развој на туризмот и слично, а од друга страна би се заштитиле многу уникатни животински и растителни видови со кои изобилива Шар Планина, рече Ксенија Путилин од Македонското еколошко друштво.
– Планинарските патеки се дел од туристичките содржини во определен простор и претставуваат атрактивно-мотивациски фактор за туристите. Затоа е многу важно тие да се средени, со соодветна сигнализација и зачувана околина без исечени дрвја и опустошени шуми и пасишта затоа што секое позитивно доживување на туристите на Шар Планина и Македониај такво ќе биде пренесено од нив во нивната средина што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристите заинтересирани за ваков атрактивен авантуристички дел од нивниот одмор. Ако се знае дека овие туристи трошат од 150 до 180 американски долари дневно може само да се претпостави кои се можностите за заработка на локалното население, а преку плаќањето на даноците и на државата од овој вид туризам, посочи претседателот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина Констатин Циривири.
Според Владо Србиновски од балканската асоцијација за алтернативен туризам Балканија, како почетна инцијатива за заживување на центарот Попова Шапка на Шар Планина мора да биде обновување на жичарницата од Тетово преку Лисец до Попова Шапка за зачувување на природата и овозможување Тетово и останатите низински места да станат база за развој на сметувачки капацитети као и изградба на катна гаража на Попова Шапка за задоволување на моменталните потреби за паркирање што е особено горлив проблем во зимските месеци.