„Напорите на премиерот да се претстави себеси и неговата влада како спасители уште еднаш се без основа и неуверливи“, соопшти најголемата опозициска грчка партија Сириза коментирајќи ја изјавата на грчкиот премиер по состанокот на Еврогрупата, jaви дописникот на МИА од Атина.
Еврогрупата вчера донесе одлука за доделување на следната транша од заемот за Грција по што грчкиот премиер Андонис Самарас изјави дека „Грција повторно е на нозе и оти жртвите на народот не биле залудни“.
„Лажната доза оптимизам не може да ја скрие реалноста со која се соочуваат повеќето луѓе поради екстремната политика на меморандумот за штедење која ги намали платите, ја интензивира рецесијата и ги уништи изгледите на земјата за одржлив и фер развој“, обвинува Сириза.
Изјавите на Самарас ја покажуваат неговата тотална емоционална и политичка оддалеченост од целото општество, соопшти опозициска партија Независни Грци.
Партијата исто така го обвинува премиерот дека лаже со цел „да ја прикрие вистината од луѓето за тоа каде навистина одат парите“ и истакна дека „семејствата, невработените, вработените, пензионерите, малите бизнисмени и професионалците нема да можат да дишат“.
„Фалењето на премиерот Андонис Самарас за одлуката на Еврогрупата е споменик на бесрамност и провокација на сметка на народот. Само капиталот ќе има корист од доделувањето на траншата, таму одат парите наместо кај народот“, соопшти Комунистичката партија на Грција (ККЕ).
„Грците плаќаат огромни цени за долговите, дефицитот и заемите кои тие не ги создадоа, а во исто време Еврогрупата најави дополнителни мерки против народот“, коментира ККЕ.