Здружението на ликовни критичари АИКА Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во Македонија. Конкурсот е отворен од денеска до 1 јуни 2017 година.
– Недостигот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко делување во контекст на современата уметност е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти кои ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции, соопшти АИКА.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на УО на АИКА Македонија). Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија или пак странски државјани кои живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.
Кандидатите треба да достават опис на предложениот проект и методологија на неговата реализација (не повеќе од 1.500 збора) и биографија на кандидатот (или доколку станува збор за група истражувачи на сите поединечни членови на истражувањето). Наградениот проект треба да биде изработен до крајот на ноември 2017, пред годишниот симпозиум на АИКА Македонија каде ќе биде претставена наградената реализација.
Резултатите од проектот и истражувањето ќе бидат објавени на веб порталот на АИКА Македонија. Материјалите треба да се испратат на [email protected]
Добитникот на наградата ќе биде известен најдоцна до 15 јуни 2017 година. Ќе биде доделена награда во висина од 30.000 денари во бруто износ, за која ќе одлучува тричлено стручно жири.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамки на ликовната публицистика бил активен во периодот од 1972 до 1986 година.