Стотици илјади македонски граѓани секоја година ја посетуваат Грција и Грците одат во Македонија. Луѓето докажаа дека можат да соработуваат и да одат напред. Владите на двете земји треба да го следат нивниот пример, изјави денеска портпаролот на грчкото МНР Григорис Делавекурас.
На денешниот брифинг со странските дописници во Атина Делавекурас ја повтори изјавата на Аврамопулос после состанокот на ГАК во Брисел дека одлуката на Советот „ја потврдува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија“ и додаде дека е јасно оти условите и критериумите за почеток на преговори треба да бидат исполнети, а во нив спаѓаат и добрососедските односи. Исто како и Аврамопулос, портпаролот на грчкото МНР рече дека одлуката може да биде катализатор, дека пораката на ЕУ до Македонија била „јасна и едногласна“ и, се разбира, го спомена и меморандумот за разбирање кој Грција го испрати до Македонија како „кулминација на конструктивниот став на Атина кон решавањето на прашањето за името“.
На новинарско прашање дали Грција е свесна дека со противењето и блокада на интеграцијата на Македонија во ЕУ продолжува грубо да го крши меѓународното право, односно времената спогодба која забранува Атина да се противи на членството на Македонија во меѓународните организации под привремената референца ПЈРМ, Делавекурас рече дека „одлуката едногласно ја донеле сите земји-членки на ЕУ“.
Во врска со испадот на пратеникот на Златна зора Илијас Панајотарис минатиот месец во Парламентот кога Македонците ги нарече „циганоскопјани“, портпаролот на грчкото МНР изјави дека не е негово да ги коментира позициите на другите партии и оти терминот што бил употребен никако не го изразува ставот на Владата.