Внук се обидел да ограби баба и дедо додека спиеле завчера ноќта во нивната куќа во Штип, при што ја повредил бабата удирајќи ја двапати по глава.
Како што информира денеска Министерството за внатрешни работи во редовниот Билтен, завчера околу 00:30 часот во Штип, крадецот го скршил стаклото од влезната врата од куќа сопственост на С.М.(77) и П.М.(74), влегол внатре и ставил черга врз главата со која го прекрил лицето.
– Влегол во собата каде спиеле бабата и дедото, кои станале откако слушнале тропање и кршење стакло, и им побарал пари. П.М. се упатила кон него и успеала да му ја тргне чергата од главата при што препознала дека крадецот е нејзиниот внук К.С.(31) од Штип. Во тој момент К.С. со рака ја удрил П.М. во пределот на главата од што паднала на подот, а К.С. продолжил да бара пари. Отакако успеала да стане и се упатила кон кујната, за да земе некој предмет со кој би се одбранила, К.С. ја престигнал и уште еднаш ја удрил со рака во пределот на главата, по што побегнал без да успее да им земе пари или друг вреден предмет, информира МВР.
Увид е извршен од екипа на СВР-Штип и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот.