Екипата на Металург ја оствари и третата победа во плејофот од ракометниот шампионат на Македонија.
Во воведниот натпревар од 3.коло одигран попладнево во Автокоманда, ракометарите на Металург го победија Охрид со 29-23 полувреме 17-13.
Актуелниот македонски вицешампион ја оправда фаворитската улога и во поголемиот дел од натпреварот беше во предност.
По првото полувреме, Металург водеше со 17-13 и во продолжението го зачува ритамот и предноста, која до крајот на мечот успеаја да ја зголемат на шест гола.
Немања Обрадовиќ и Александар Гуглета беа најефикасни кај Металург со по пет гола, еден помалку од нив постигнаа Филип Кузмановски, Марко Нелоски и Вања Илиќ.
Во гостинскиот тим, Кобетиќ постигна седум, а Кежиќ додаде шест гола. Забележителна партија на голот на Охрид имаше Благојче Трајковски со 13 одбрани.
Во претходните два дуели, Металург беше поуспешен од Вардар и од Пелистер, па со оваа победа тимот од Автокоманда изби сам на првото место на табелата.
За утре е закажана средбата меѓу Борец – Еурофарм Работник, додека натпреварот Вардар – Пелистер е одложен за 12 април поради настап на вардарци на завршницата на СЕХА лигата.
Табела: Металург 9 бодови, Охрид 6, Пелистер 3, Вардар, Еурофарм Работник и Борец 0.